Обнова на опожарени површини: „Бучим“ и ЈП „Македонски Шуми“ со заедничка акција

април 17, 2026

Активностите се дел од поширока соработка насочена кон континуирано пошумување.

ДПТУ „Бучим“ ДООЕЛ Радовиш, во соработка со ЈП „Македонски Шуми“, започнува заедничка акција за пошумување и ревитализација на површини зафатени од пожари.

Првата теренска активност ќе се реализира на 25 април 2026 година, со пошумување на околу 2 хектари со 5.000 садници на планината Готен, која беше зафатена од пожар годинава. Целта е поддршка на обновата на шумскиот фонд и оживување на природата на зафатените површини.

Активностите се спроведуваат врз основа на Меморандум за соработка и се реализираат со стручна поддршка од ЈП „Македонски Шуми“, кое го обезбедува и садниот материјал. Процесот опфаќа подготовка на теренот, избор на соодветни видови и организирано пошумување. Во акцијата ќе се вклучат и вработени од Бучим, со што компанијата дава директен придонес во реализацијата на терен.

Од ЈП „Македонски Шуми“ посочуваат дека ваквите активности се дел од редовното управување со шумските ресурси, а нивната реализација во партнерство со компании овозможува поголема ефикасност и подобри резултати.

Директорот на ЈП „Македонски Шуми“, Здравко Трајанов, изјави: „Пошумувањето на опожарени површини претставува важна мерка за унапредување на шумскиот фонд, која бара стручно планирање и координирана реализација во согласност со утврдените шумскостопански практики. Позитивни резултати се постигнуваат кога ваквите активности се реализираат во партнерство со компании, со што се обезбедува поефикасна реализација на терен и долгорочна одржливост на обновените површини. Ваквиот пристап има потенцијал да стане пример за добра пракса на национално ниво.

Заменик генералниот директор на Бучим, Ивица Карапетров, изјави: „Соработката со ЈП ‘Македонски Шуми’ претставува значаен предуслов за квалитетна и стручна реализација на активностите за пошумување. Преку ваков партнерски пристап се обезбедува ефективна реализација на терен. Пошумувањето на опожарени површини е процес со долгорочно значење, а заедничките активности придонесуваат кон постепено обновување на шумскиот фонд и постигнување одржливи резултати.“